Прва гимназија за математичари со идеја да стане центар за таленти

пред 3 години

Комплексни броеви, квадратни равенки, адициони формули, тригонометриски функции… се некои од модулите (теми) што се учат во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) – новото државно средно училиште кое по неколку години планирање почна да работи во оваа учебна година. Не е класично со многу паралелки, туку специјализирано училиште кое во првата генерација прими 34 ученици распоредени во три паралелки – две на македонски и една на албански наставен јазик.

Во јуни тие го поминаа приемниот испит по предметите математика и физика што беше услов за упис. Покрај испитите за прием, кандидатите за МИГ според конкурсот треба да имаат и највисока оценка (5) по математика од шесто до деветто одделение и по физика од осмо и деветто, како и општ успех од најмалку 4.5 од шесто до деветто одделение во основното образование.

Директорката Јулија Гајдаџиева изјави дека гимназијата работи според посебни наставни планови и програми изготвени од Бирото за развој на образованието. Застапени се сите општообразовни предмети, но акцент е ставен на математика и информатика.

– Целта на училиштето е да прерасне во центар кој ќе ги обедини сите талентирани математичари, информатичари и физичари од државата, како респектабилна и привлечна институција за едукација на идни врвни математичари, информатичари, кои достојно ќе ја презентираат Република Северна Македонија во светот. Посебна грижа на гимназијата е да им обезбеди на младите талентирани математичари и информатичари квалитетно образование кое ќе биде предизвик за развој на талентите на учениците. Истовремено, да се развива силна внатрешна мотивација, натпреварувачки дух, иницијативност, иновативност, креативност, вели Гајдаџиева за МИА.

Математичко-информатичката гимназија, додава таа, дава функционално знаење и добра подготвка на учениците за факултет, па со самото тоа и предност при упис на кои било од техничките факултети.

Запишаните средношколци во МИГ не се само заинтересирани, туку и талентирани за математика – предметот по кој резултатите на меѓународни тестирања на државно ниво се главно слаби. На последното ПИСА-тестирање (PISA – Programme for International Student Assessment) во 2018-та, кои беа соопштени минатата година, македонските 15-годишници беа рангирани на 67 место по математика и на 62 место по прирордни науки меѓу нивните врсници од 79 земји.

И на тестирањето ТИМСС (TIMSS – Trends International Mathematics and Science Study) резултатите се, исто така, послаби на листата – од 58 држави што учествуваа на тестирањето на четвртоодделенци минатата година, нашата земја беше на 45-то место во математичка писменост, а во природни науки подолу рангирана – на 51-во место.

Дека математиката за повеќето македонски ученици не е многу привлечен и омилен предмет, покажува и тоа што се избегнува на државната матура во изминатите години и почесто матурантите избираат тест по странски јазик кој е алтернативен предмет за вториот од трите екстерни испити.

Директорката на Математичко-информатичката гимназија, која е дипломиран професор по физика, смета дека образованието треба да се приспособи на новините што ги носи современиот начин на живот и дека без разлика дали станува збор за традиционално учење или преку интернет, интерактивниот пристап е, како што вели, сигурен рецепт кој гарантира задржување на вниманието на учениците и максимални резултати и дека на тој начин се развива сестраност по мерка на новите генерации.

Новата гимназија е лоцирана во ГУЦ „Здравко Цветковски” во Скопје, но се планира објект за неа што беше најавено и во плановите на Владата за новиот четиригодишен мандат. Наставата ја спроведуваат професори кои имаат искуство или на факултетите (особено по стручните предмети) или во средните училишта.

Како и во другите училишта, наставните содржини поради условите наметнати од пандемијата се реализираат преку дигитални платформи и апликации за далечинско учење, како Зум и Мајкрософт тимс, а учениците во МИГ се веќе оценети по сите наставни предмети и првото тримесечје, рече Гајдаџиева, поминало без проблеми.

Бидејќи се работи за специфична настава во која, главно, се застапени математички задачи, секој наставник за остварување на програмските цели, посочува директорката, изработува и користи разни инструменти за да ги открие способностите и предзнаењата на учениците – наставни ливчиња, диференцирани задачи и друг вид инструменти за следење на нивниот напредок.

– Со други зборови, во наставата сè поголемо место има новата методологија во работата со учениците – поголема нагледност, подготвеност на наставникот и учениците, поинаков приод кон наставниот материјал, поинаков однос кон учениците како главни носители во реализацијата на наставата, вели директорката на МИГ.

Во математичка писменост најдобри постигнувања на меѓународните тестирањата редовно имаат учениците од Сингапур, Хонг Конг, Кина, Јапонија… Од нашето Министерство велат дека резултатите се вистинска слика каде се наоѓа нашиот образовен систем на глобалната карта по математика и природни науки и колку нашите ученици се оспособени да го искористат своето знаење.

Според МОН, овие резултати се важни како патоказ во која насока треба да се подобрува и унапредува националниот образовен процес и мотивираат да се одржи континуитетот во креирањето и спроведувањето длабински образовни реформи.

Scroll to Top