Пуштени осомничените за пукањето врз полицаец во Ѓорче – нема докази дека тие се напаѓачите

пред 3 години

По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, извршена е анализа на биолошки материјал – ДНК траги кои беа пронајдени во возилото од кое постои сомнение дека биле испукани проектили и од нив повредено лице во населбата Ѓорче Петров, велат од Обвинителството.

Настанот се случи на 1.3.2021 година, околу 16 часот, на улица „Борис Сарафов“ во Скопје, кога од патничко моторно возило Голф 5 без регистарски таблици беше пукано со огнено оружје кон автомобил Мерцедес со скопски регистарски таблички, управувано од лице од с. Горно Свиларе, при што возачот на Мерцедесот, за кој беше соопштено дека е припадник на полицијата, се здоби со прострелна рана во левата натколеница.

„Денеска во обвинителството пристигна извештајот од извршената анализа на биолошкиот материјал од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија. Согласно доставената анализа, биолошките траги пронајдени во возилото Голф 5 не одговараат на ДНК профилот на лицето спрема кое беше определена мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа,“ се вели во соопштението од Обвинителството.

Истовремено, обвинителството презело и процесно дејствие – препознавање, при што оштетениот не го препознал притвореното лице како лице сторител на кривично дело кое испукало проектили кон него.

При вака утврдени факти, Обвинителството утврдило дека не постои основано сомнение дека лицето спрема кое беше определена мерка краткотраен притвор е сторител на кривично дело, па од тие причини нема да отвори истражна постапка против него. Воедно надлежниот обвинител го извести Судијата на претходна постапка при надлежниот суд и побара лицето веднаш да биде пуштено од краткотрајниот притвор.

За истиот настан, уште едно лице беше лишено од слобода, но тоа лице е пуштено, бидејќи од МВР не беа обезбедени и приложени докази за негова инволвираност.

Обвинителството издаде повеќе наредби и насоки на Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на идентитетот на сторителот на конкретното кривично дело. Откако МВР ќе го утврди идентитетот на сторителот и ќе обезбеди докази во поглед на кривичното дело, ќе поднесе кривична пријава по која обвинителството ќе постапува согласно надлежноста.​

Scroll to Top