СДСМ: Извештајот на Стејт Департментот ги нотира напорите на владата за борба против корупција

пред 3 години

Извештајот на Стејт Департментот ги нотира напорите на Владата предводена од СДСМ во борбата против корупцијата и криминалот, велат од владеачката СДСМ.

„Крајно несоодветно е кога криминалната ВМРО-ДПМНЕ зборува за правда, за слободи на медиуми и меѓународен кредибилитет на државата, кога токму оваа партија по однос на овие прашања со години ја држеше земјата на дното на сите извештаи на меѓународни институции и организации“, додаваат од СДСМ.

Според нив, извештајот на Стејт Департментот како и оној на ГРЕКО, ја нотира подготвеноста и напорите на Владата предводена од СДСМ за градење на независно судство и бескомпромисна борба против корупцијата.

Во извештајот на Стејт Депарментот е наведено дека Владата на Северна Македонија демонстрирала поголема почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години, потенцираат од партијата на власт, одговарајќи воедно на ВМРО-ДПМНЕ од каде посочија дека Зоран Заев е опоменат од Стејт департментот за прекумерен притисок врз судиите.

Стејт Департментот во својот извештај нагласува дека извештајот на Европската комисија забележал позитивни случувања, вклучително и усвојување на нов Закон за Јавно обвинителство и подобрување на земјата во борбата против корупцијата и организираниот криминал, објаснуваат од СДСМ.

„Во извештајот е наведено и дека Европската комисија заклучила дека државата направила добар напредок во истрагата и прогонот на криминал на високо ниво. Ниту една извртен факт пласиран од белиот дворец нема да го засени успешниот Извештај од Стејт Департментот, нема да го засени успехот што Северна Македонија го прави на полето на независноста на судството и борбата против секаков вид криминал и корупција“, додаваат од СДСМ.

Scroll to Top