СДСМ: Откако Мицкоски трет пат изгуби на изборите, бегалецот Никола Груевски му скрои нов Извршен комитет

пред 4 години

Ова ВМРО-ДПМНЕ на чело со извршителот Мицкоски е столб на криминалот и режимот на Никола Груевски и Орце Камчев, реагира СДСМ, на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Откако Христијан Мицкоски и трет пат изгуби на изборите, бегалецот Никола Груевски му скрои нов Извршен комитет во обид да го зачува на позицијата и да му ја спаси фотелјата во белиот дворец. Секоја демократска партија е нормално да одржи Конгрес после избори, само Мицкоски се плаши од сопствените членови, како и од граѓаните. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата предводена од докажаниот губитник Христијан Мицкоски нема капацитет да се реформира“, велат од СДСМ.

Последен доказ за тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се таканаречените големи промени во раководството на оваа партија во кое се наоѓаат стари, потрошени кадри, послушници и извршители на Никола Груевски.

„За нови лица Мицкоски ги нуди Антонио Милошоски против кого се водат предмети и човек кој се криеше од судски доставувачи; Рашела Мизрахи која од позиција на министерка го кршеше Уставот и законите; Гордана Димитриевска Кочовска која блокираше средства од Светска банка за помош на здравството; Марија Андоновска за која цела јавност слушна како Гордана Јанкуловска лобирала да се вработи во Фонд за здравствено осигурување. ВМРО-ДПМНЕ предводено од губитникот Мицкоски не е мрднато ниту милиметар од деструктивната, антидржавна и антинародна матрица. Граѓаните тоа го гледаат и затоа губат на три изборни циклуси и затоа уште долго ќе бидат опозиција“, велат од СДСМ.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва избра нови членови на Извршниот комитет на партијата. Новиот состав ќе го сочинуваат: Александар Николовски, Владимир Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов, Никола Мицевски, Гордана Димитриеска Кочовска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Трајко Славевски, Владимир Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонио Милошоски.

Извор: makfax.com.mk

Scroll to Top