Скопје очекува поддршка од Софија за ЕУ, за јазикот и идентитетот не се преговара

пред 3 години

Преговори за идентитетот на македонскиот народ и за македонскиот јазик немало и ќе нема. Тоа се ноторни и меѓународно потврдени факти и наши црвени линии од кои не може да има отстапки. Бугарија ни е пријател и очекуваме да ја признае таа реалност.

Ова го порача македонскиот државен врв по вчерашната седница на Советот за безбедност, осврнувајќи се на ставот на Софија за почетокот на преговорите на С.Макеоднија со ЕУ и медиумските написи за бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на Унијата во кој се доведуваат во прашање македонскиот јазик и идентитет, како и правањето паралели со Преспанскиот договор со Грција.

– Грција го призна нашето право за самоопределување, нашето право за самоопределување е наше чувство и секако преговори за нашиот идентитет, нашиот македонски јазик нема и не треба да има, ниту некој тоа го бара. Бугарија е пријателска земја и јавно истакнува дека го признава македонскиот јазик и македонскиот народ. Таа ја призна реалноста. Јас верувам дека работните групи кои разговараат секако ќе ги изнајдат решенијата навистина очекувам од бугарскиот народ, од бугарското лидерство да направи конкретен прецизен чекор за македонскиот народ и македонскиот јазик, истакна премиерот Зоран Заев.

Уште еднаш повтори дека нема нов договор со Бугарија, ниту пак анекс на договорот. Од македонска страна, вели, има подготвеност да се појаснат, допрецизираат одредени работи. Очекува недоразбирањата да се надминат, а заедничката комисија да најде решенија за отворените историски прашања, како што посочи, низ духот на пријателството, што полека ќе не сплотува и зближува како добри соседи и две пријателски земји.

На иста став е и претседателот Стево Пендаровски. Нагласи дека преговори за идентитетот на македонскиот народ и за македонскиот јазик немало никогаш и кога е правен Преспанскиот договор.

– Кога го потпишавме Договорот добивме содржина со чиста формулација влезена во најголемата светска организација со 193 земји членки – македонски јазик. Точка. Толку. Од тие наши линии ние нема да отстапиме и безрезервно ќе ги браниме, рече Пендаровски.

Запрашан како ќе се најде компромис ако секој се држи до своите позиции, тој вели дека тоа ќе се направи исто како што се нашол компромис со Грција.

– 25 години преговаравме додека не сфативме што е за нив битно и за нас апсолутно најважно и на крај дојдовме до договор преку компромис. Мора да го почитувате условно кажано и својот политички опонент во преговорите. Убеден сум дека бугарските највисоки раководители се на ставот дека македонскиот јазик и Македонците како нација се реалност и тие ќе го признаат тоа, рече претседателот Пендаровски.

Скопје очекува поддршка од Софија и да не го попречува одржувањето на првата меѓувладина конфренција и почетокот на преговорите со ЕУ.

Тое го очекува и бугарскиот европратеник и известувач за С.Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук. Тој смета дека преговорите треба да почнат до крајот на годинава, а отворените прашања да се решаваат во билатерален формат.

Scroll to Top