СМС пораки ќе добиваат сите што ќе се пријават за вакцина на vakcinacija.mk, се надградува системот

пред 3 години

Граѓаните кои ќе се пријават за вакцина преку сајтот vakcinacija.mk ќе добиваат повратна СМС порака за пријавувањето, а на истиот начин, преку порака, ќе бидат информирани и за времето и местото за вакцинирање. Известувањето по пријавата, министерот за здравство Венко Филипче, најави дека ќе почне да функционира за неколку дена. Граѓаните кои досега се пријавуваа не добиваа никаква потврда за пријавувањето, па се случуваше едно исто лице да се пријавува неколкупати.

„На сајтот vakcinacija.mk за некој ден ќе има надградување на системот во однос на известување назад, кога ќе се пријавиме за вакцина, преку СМС порака. На истиот начин граѓаните ќе добиваат порака и кога ќе дојде времето и местото за вакцинација“, рече министерот Филипче.

Досега за вакцина се пријавиле 140.000 граѓани, а вакцинирани се околу 30.000. Министерот Филипче очекува интересот да се зголеми кога ќе почнат да стигнуваат поголеми количини вакцини. Одеднаш треба да стинат 200.000 кинески вакцини, но се уште нема точен датум, а во текот на месецов се очекуваат и 76.000 вакцини од „Астра зенека“.

За подигнување на свеста за вакцинирање во тек е подготовка на кампањи, а ги подготвуваат Европската делегација, Министерството за здравство и Владата.

Scroll to Top