Судскиот совет ја разреши Татјана Михајлова поради несовесно работење

пред 3 години

Судскиот совет ја разреши судијката Татјана Михајлова од судиската функција поради нестручно и несовесно работење. Постапката против неа се водела година и половина, а носењето на одлуката се оддолжило поради тоа што таа не доаѓала на закажаните расправи. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, кажа дека несовесното работење е поврзано со примената на АКМИС-системот.

„Нашата одлука да се разреши од функцијата судијка во судот, поради повредата на одредбите од судскиот деловник, во однос на примената на АКМИС системот. Подетално за предметот не можам да кажам, бидејќи мора да ја почитуваме пресумцијата на невиност. Кога одлуката ќе стане правосилна, ќе објавиме и во Службен весник. Судијата е разрешен поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Постапката против судијата се водеше околу година и половина, една причините за тоа е што конкретниот судија не доаѓаше на закажаните расправи. Нестручното работење е утврдено за период од пред две до три години“, рече претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев.

Судијката Татјана Михајлова ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на Кривичниот суд од 5 декември 2016 година, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски мандатот му истече на 4 декември, но повторно се кандидираше за истата позиција. Таа во 2018 година поднесе оставка од функцијата.

Михајлова беше судијка во предметот „Насилство во Центар“ на Специјалното јавно обвинителство. Откако беше прераспределена во друг оддел на судот, предметот се судеше одново. Таа беше и истражен судија во случајот „Ликвидација“, каде меѓу другите, осуден на четири и пол години затвор беше и новинарот Томислав Кежаровски.

Scroll to Top