Телефонски разговор на министерот Османи со неговиот украински колега Кулеба

пред 3 години

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска на барање од неговиот украински колега, имал телефонски разговор со шефот на дипломатијата на Украина, Дмитро Кулеба.

Министрите Кулеба и Османи констатирале висок степен на развој на односите меѓу двете пријателски земји и редовниот политички дијалог, а посебно задоволство изразиле и од забележителното зголемување на трговската размена во првите десет месеци од 2020 година, со очекување таквиот позитивен тренд да продолжи и да се интензивира и во иднина.

– За таа цел, се очекува и скорешна средба на Мешовитиот комитет за имплементација на меѓудржавната спогодба за слободна трговија, се наведува во денешното соопштение од МНР.

Османи го информирал својот украински колега за активностите поврзани со очекуваното започнување на пристапните разговори со ЕУ, како и за останатите приоритети на замјата на надворешно политички план.

Во телефонскиот разговор се осврнале и на актуелните регионални и глобални прашања.

Министерот Кулеба му го честитал на Османи неодамнешното приклучување на Република Северна Македонија во Организацијата за црноморска економска соработка и изразил надеж дека соработката меѓу двете земји ќе се продлабочува и на овој план.

Украинскиот министер Кулеба, како што стои во соопштението, го поканил министерот Османи во прва погодна прилика да ја посети Украина, што со задоволство било прифатено.

Scroll to Top