Филипче: Во сите болници ширум државата, освен во Струмица и Куманово, има слободни кревети

пред 3 години

Слободни капацитети во болниците има, тврди министерот за здравство Венко Филипче, според кого не секој апел за помош објавен на социјалните мрежи е вистина.

Тој посочува дека притисокот врз здравствените работници е голем, но дека план за функционирање е направен и за во идниот период. Во однос на евентуални рестрикции, Филипче смета дека засега нема потреба бидејќи според него, мерките кои сега се донесени, ќе дадат резултати.

„Во секој еден момент и сега има слободни болнички кревети. Апелите за помош кои и ние ги гледаме на мрежите, секој случај, поединечно го контактираме и прашуваме каде имале проблем. Не секој случај е вистина. Многу луѓе на своја рака одат и се лекуваат во приватните болници. Во сите болници ширум државата, освен во Струмица и Куманово има слободни болнички кревети. Не само во инфективните одделенија, туку и во интерните, кои се пренаменети. Во Скопје се хоспитализираат во интерните клиники, каде има доволен број слободни кревети. Огромен е притисокот, но со ова обезбедување на кревети, системот на ротацијата, кадарот, сосема сме обезбедени и за периодот кој доаѓа. Во овој момент сè уште нема потреба да се менува системот на ‘Мој термин’. Но, спремни сме и за тоа, не само за да се обезбедат доволен број на сместувачки капацитети, туку и за обезбедување на кадарот. Кадарот е преоптеретен. Потребна е поддршка на здравствените работници и високо ниво на свест“, рече Филипче.

Во однос на високото ниво на смртност, Филипче вели дека тоа е така насекаде во светот. За третманот на пациентите, вели дека е идентичен и во приватните и државните клиники.

„За секоја форма на болеста има соодветна препорака. Матичните лекари знаат која е индикација за да се сместат пациентите во болничка установа. Смртноста е голема насекаде во светот. Засега сметаме дека мерките се сосема доволни, рестрикцијата за забрана за групирање ќе даде соодветни резултати, ако се почитува. Засега нема да има полициски час“, додаде Филипче.

Доколку има потреба од евентуални нови рестрикции, министерот посочи дека тоа може да бидат рестрикции во одредени региони и прекинување на меѓуградскиот и меѓуопштинскиот превоз. Но, како што кажа министерот, засега нема потреба од тоа.

Scroll to Top