Филипче не кажува дали в среда ќе ја прими вакцината на „Фајзер“ меѓу првите, како што најави

пред 3 години

Министерот за здравство Венко Филипче не кажува дали в среда со личен пример ќе покаже дека сите вакцини се безбедни оти биле развиени на безбедни платформи и ќе ја прими вакцината на „Фајзер“. Тој не одговори на прашањата од „А1он“ за тоа дали ќе биде на списокот меѓу првите здравствени работници пријавени да ја примат вакцината.

Министерот Филипче пред девет дена, кога го најави потпишувањето на договорот за набавка на кинеската вакцина, рече дека нема резерва кон ниту една вакцина и дека ќе се вакцинира со која било вакцина што прва ќе пристигне во земјава.

Први во земјава стигнаа вакцините на „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија од сопствените количини. Вчера на граничниот премин Табановце српскиот претседател Александар Вучиќ му предаде на премиерот Зоран Заев 4680 дози од вакцината на „Фајзер“ од вкупно договорените 8.000 кои се допрва се очекува да стигнат. Поради проблеми околу обезбедување дозволи од „Фајзер“ за отстапување на количината, пристигнувањето на вакцините минатата еднаш беше закажано па откажано, а откако ги набавиле сите документи во саботата вечерта, српскиот претседател Вучиќ , рече дека решил веднаш да ги донесе без оглед на тоа што вчера беше неработен ден и без оглед на студот.

Од Министерството за здравство не одговорија ниту на прашањето од кои причини стигнаа само 4680 од ветените 8000 дози вакцини ниту пак кога ги очекуваат останатите.

По „Фајзер“ во земјава се очекува да стигне и кинеската вакцина на компанијата „Синофарм“. Премиерот Зоран Заев денес рече дека нарачаните 200.000 дози од кинеската вакцина очекува да стигнат до крајот на февруари.

Вакцинирањето ќе почне в среда во модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје, а први вакцината, според најавите, ќе ја примат токму вработените од Инфективната клиника.

Scroll to Top