Шекеринска: Оние кои не добиле НАТО сертификат, не значи дека направиле нешто што е спротивно на законот или на интересите на државата

пред 3 години

Секоја држава која станала членка на НАТО минувала низ истиот процес, и секаде одреден број нивни армиски припадници, не само на нивните структури туку и на цивилните структури не успевале да добијат НАТО сертификат. Тоа е затоа што кога ќе станете земја членка имате пристап до голем број на информации, и Алијансата е многу внимателна, рече денеска на прес-конференција министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа посочи дека е погрешно и штетно да влеземе во математики од овој тип бидејќи тие можат да бидат злоупотребени и во државата и надвор од државата.

Сепак, како што рече, оние кои не добиле сертификат, не значи дека направиле нешто што е спротивно на законот или на интересите на државата.

Едноставно, посочи, заради одредени објективни прашања постои резерва и затоа тоа не се издава. И ние, како што рече, понекогаш немаме ни право тоа да го проблематизираме.

-Но она на што дефинитивно немаме право ниту ние ниту останатите е тоа да го политизираме. Јас апелирам до сите да не дозволиме нешто што е тешко спечалено да го уништуваме заради полтиички поени, рече Шекеринска на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

Според министерката, не е во ред ова прашање да се политизира заради луѓе кои минале големи кариери, но и за нашиот имиџ како земја членка на НАТО.

– Не е во ред ова прашање да се политизира заради луѓе кои минале големи кариери, но и за нашиот имиџ како земја членка на НАТО. Затоа се прави процесот на сертификација, затоа што секогаш дополнителна контрола треба да направиме, бидејќи имаме веќе пристап до податоци, информации и документи за кои никогаш не сме имале пристап во својата историја, рече Шекеринска.

Додаде дека процесот на ресертификација не ги опфаќа само воените служби, туку и безбедносни, дипломатски служби, администрација и секаде и во секоја држава имало луѓе кои не добивале сертификати.

И тие, какоа што рече, ќе продолжат да работат само на места на кои нема да имаат причина да пристапуваат до НАТО документи.

Scroll to Top