Јанкулоска: Нема потреба од опсада на зградата во која живеам, ни на крај памет не ми паѓа да бегам

пред 4 години

Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска преку социјалните мрежи упати порака до Министерството за внатрешни работи дека нема потреба од спектакли и опсада на зградата каде живее и сподели фотографија од полициско возило, паркирано непосредно до зградата каде живее.

„Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството“, пишува Јанкулоска.

Таа утрово во изјава за „А1он“ изјави дека е дома и ги покани на кафе сите кои сакаат да се уверат во тоа. Таа не сакаше да ја коментира одлуката на Врховниот суд кој ја потврди нејзината четиригодишна затворска казна за случајот „Тенк“ односно спорната набавка на „мерцедесот“ вреден над половина милион евра, каде СЈО ја гонеше за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Информацијата дека Јанкулоска избегала беше објавувана од вчеравечер на повеќе портали, фејсбук страни, како и на социјалните мрежи.
Кривичниот суд се уште ја нема добиено одлуката донесена од Врховниот суд, за потоа, судија за извршување санкции и даде упатен акт за во затвор на Јанкуловска. МВР, пак, може да постапи само доколку добие наредба за спроведување на Јанкуловска во затвор.

„Преземаме стандардни полициски оперативни мерки и активности, а се уште од судот немаме добиено никаква наредба за спроведување на Г.Ј. Кога ќе добиеме наредба од судот, ќе постапиме. За сите други информации е надлежен судот“, велат од МВР за „А1он“.

Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, а пак, Апелациониот суд и ја намали казната на четири години. На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“, бидејќи имаше ризична бременост.

Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај веќе е осуден на две години ефективна затворска казна, а помошникот во министерството Ѓоко Поповски доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор на скопска Апелација.

Јанкулоска во завршните зборови на судењето побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да влијае и да врши притисок.

Извор: a1on.mk

Scroll to Top