Јанкулоска од Идризово спроведена до Кривичниот суд

пред 3 години

Во Основниот кривичен суд Скопје од затворот Идризово денеска е спроведена и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за да ја чуе пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Јанкулоска во „Идризово“ ја издржува четиригодишната затворска казна за набавката на блиндираниот мерцедес во случајот „Тенк“.

Поранешната министерка за внатрешни работи е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања, во делот за уништувањето на опремата, додека за прислушувањето, од кое има околу 23 000 нејзини разговори, бараше да биде додадена на листата оштетени.

Јанкулоска во своите завршни зборови пред Судот рече дека совеста ѝ е чиста, како и дека не го сторила делото за кое ја гонат. Таа посочи дека Судот може да ја задоволи правдата само ако донесе ослободителна пресуда за неа. Како што појасни Јанкулоска, теоријата дека помогнала во уништување на опремата за прислушување не е поткрепена со ниеден доказ и, според неа, значајно е да се направи разграничување што се случувало пред да биде изготвено и доставено на потпис решението за формирање на Комисија за ништење на системите за прислушување.

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ ќе биде првостепена, а странките ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Scroll to Top