22 нови пациенти примени во ковид-центрите низ Скопје

пред 3 години

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 22 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, нформираат од Министерството за здравство.

Како што додаваат од таму, вкупно 448 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 9 приеми и тоа по двајца пациенти биле хоспитализирани на Клиниката за дерматологија, на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за нефрологија и тројца пациенти на Клиниката за неврологија. Во ковид-центарот во 8 Септември имало 8 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани 5 болни“, се наведува во соопштението на ресорното министерство во кое се додава дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.

Од вкупно 448 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 кои се лекуваат во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 70 слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места на Клиниката за инфективни болести и во 8 Септември.

Scroll to Top