Анкета: Околу 76 отсто од Хрватите не и веруваат на својата Влада

пред 4 години

Околу 76 проценти од населението на Хрватска не верува во својата влада, што е значително поголем процент од другите членки на Европската унија, каде околу 50 проценти од граѓаните не веруваат во националната влада, покажува истражувањето, кое денеска го објави Европскиот комитет на регионите. Анкетата, за потребите на Европскиот комитет на регионите, ја спроведе консултантската компанија Кантар од 3 до 11 септември, пренесе Хина. Во истражувањето, 76 проценти од 1.040 испитаници рекле дека не и веруваат на владата, а 20 проценти од нив се изјасниле дека и веруваат. Хрватските граѓани не им веруваат ниту на своите регионални и локални власти, имајќи предвид дека 74 отсто се изјасниле негативно за нив, а само 21 процент позитивно. Нивната доверба е нешто поголема кога станува збор за Европската унија, во која Хрватска се приклучи во 2013 година. Според анкетата, 58 проценти од хрватските граѓани не и веруваат на ЕУ, а 38 отсто и веруваат. И тука хрватските граѓани се разликуваат од 27-те земји-членки на ЕУ, во кои, во просек, 47 проценти од населението има доверба во ЕУ, а 45 проценти нема. Европскиот комитет на региони, кој го нарача истражувањето, е собрание на регионални и локални претставници од сите 27 земји-членки на ЕУ. Основан е во 1994 година во Брисел со задача да ги вклучи регионалните и локалните власти во процесот на донесување одлуки на ЕУ и да им поднесува извештаи за политиките. Текстот Анкета: Околу 76 отсто од Хрватите не и веруваат на својата Влада е превземен од А1он .

Scroll to Top