„Астра зенека“: Не дадовме претерани ветувања за испорака на вакцини

пред 3 години

Извршниот директор на „Астра зенека“, Паскал Сорио, изјави дека фармацевтската компанија не дала прекумерни ветувања во врска со испорака на вакцините против Ковид-19 во светот, истовремено бранејќи се поради намалените количини на испорачани дози.

Европската Комисија покрена тужба против британско-шведската компанија поради непочитување на договорот за испорака на вакцини и поради недостаток на цврст план што би обезбедил навремена испорака, објави Ројтерс.

Сорио рече дека „Астра зенека“ се потрудиле да достават што е можно повеќе вакцини во Европската Унија и додаде дека е разочаран што компанијата не можела да дистрибуира повеќе дози, но исто така се пофали дека работата на фармацевтската компанија за вакцината е целосно извршена.

„Никогаш не ветивме повеќе, само разговаравме за она што сметавме дека е можно во тоа време“, им рече Сорио на новинарите, додавајќи дека компанијата не доставила доволно вакцини во Европа, како што се надеваше.

Компанијата соопшти дека планира да дистрибуира 100 милиони дози на ЕУ до крајот на јуни, наместо 300 милиони дози предвидени со договорот.

Сорио проценил дека вакцините на „Астра зенека“ сочинуваат 90% од дозите во Индија.

„Замислете каква би била ситуацијата во Индија без нашата вакцина. Замислете дека не сме настапиле така, замислете дека сме рекле „не“, рече Сорио.

„Астра зенека“ соопшти дека досега се испорачани 300 милиони дози во 165 земји во светот.

Scroll to Top