АУДИО: Актерката Штајнфелд го снимила Лечиќ како зборува за силувањето

пред 3 години

Српски „Инсајдер“ објави аудио снимка на која познатиот српски актер и политичар Бранислав Лечиќ зборува со актерката Даниела Штајнфелд, неколку години по случајот во кој таа го обвинува дека ја силувал.

Српските медиуми денеска објавија дека прославениот актер и поранешен српски министер за култура, според исказот на Штајнфелд, ја силувал во неговиот автомобил кога таа имала 21 година. Таа вели дека не е единствената жртва на сексуалните напади на Лечиќ.

На аудио снимката која ја снимала самата актерка и која сега е предадена во Јавното обвинителство како доказ во постапката против актерот, се слуша како тој и Штајнфелд зборуваат за нивниот сексуален однос, за кој актерката тврди дека не дала согласност.

Лечиќ ѝ објаснува дека тоа не било понижување, како што вели таа, туку негов начин на искажување на нежност. Тој ѝ кажува и дека таа требала да биде почестена што тој се интересирал за неа на таков начин, наместо да се чувствува загрозена.

Во интервју за „Инсајдер“, Штајнфелд, која живее во САД, вели дека снимката покажува оти Лечиќ не го негирал случајот, но се обидел да го релативизира и „објасни“.

Лечиќ е еден од најнаградуваните српски актери, а имаше и забележителна политичка кариера, која го доведе и до позицијата министер за култура

Инаку, аудио снимката била првпат објавена во документарниот филм „Зацели ме“ на Штајнфелд, во кој таа зборува за наводното силување. Машкиот глас во филмот бил изменет за да не се дознае кој стои зад него. Снимката со неизменет глас сега е предадена во Обвинителството.

Во соопштение испратено до медиумите по повод исказот на Штајнфелд, Бранислав Лечиќ вели дека обвинувањето е „најгнасната лага“ со која некој се обидел да го дискредитира.

Scroll to Top