Блинкен до Џиечи: САД ќе се залагаат за почитување на човековите права во Синџијанг, Тибет и Хонг Конг

пред 3 години

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, во телефонски разговор со својот кинески колега Јанг Џиечи вчера му соопштил дека САД и натаму ќе се залагаат за почитување на човековите права и демократските вредности во Синџијанг, Тибет и Хонг Конг, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението на американското министерство, пренесено од британските медиуми, се наведува дека Блинкен ја замолил Кина да го осуди воениот удар во Мјанмар и повторил дека Вашингтон ќе соработува со сојузниците во Тајванскиот теснец и дека Кина ја смета за одговорна за последните тензии во регионот

Стејт департментот еден ден претходно соопшти дека е длабоко вознемирен од извештаите за сексуално злоставување жени во логорите за етничките Ујгури и другите муслимани во кинеската автономна провинција Синџијанг.

Во време на претседателството на Доналд Трамп односите меѓу двете најголеми економии во светот достигнаа најниска точка во последните неколку децении, а кинеските власти изразија внимателен оптимизам дека ќе има подобрување на односите под администрацијата на Џо Бајден.

Директорот на Канцеларијата на Комитетот за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, Јанг Џиечи, во вторникот преку видео-конференциска врска се обрати до Националниот комитет за односите меѓу САД и Кина и кажа дека двете страни може да имаат различни ставови, но дека тие не треба да ги загрозуваат нивните целокупни односи.

Тој ги повика САД да престанат да се мешаат во прашањата на кинескиот суверенитет, вклучувајќи ги Синџијанг, Хонг Конг и Тибет.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, исто така, вчера изјави дека заедничките интереси на двете земји ги надминуваат разликите и ги повика САД да направат компромис и да ги подобрат односите со Кина.

Бајден неодамна Кина ја нарече најсериозниот конкурент на САД и додаде дека и покрај кинеските закани за човековите права, интелектуалната сопственост и меѓународниот поредок, Вашингтон е подготвен да соработува со Пекинг кога е тоа во интерес на Америка.

Scroll to Top