Вакцината на „Фајзер“ да не ја примаат луѓе што имаат алергиски реакции, велат британските здравствени власти

пред 3 години

Здравственото регулаторно тело на Велика Британија ги предупреди луѓето што имаат историја на сериозни алергиски реакции дека засега не треба да ја примат вакцината против коронавирусот на компанијата „Фајзер“ бидејќи две лица имале алергиски реакции, објави Националната здравствена служба (НХС).

Двајца членови на НХС, кои ја примиле вакцината првиот ден од масовната вакцинација во Велика Британија, добиле алергиска реакција, објави „Гардијан“.

Затоа, Здравствениот регулаторен орган (МХРА) предупреди дека секој што има посилни алергиски реакции на лекови, храна или вакцини, не треба да ја прима вакцината на „Фајзер“.

НХС во Англија ги извести сите пунктови за вакцинација за ова предупредување. Тоа значи дека секој што е на програмата да прими вакцина, ќе биде прашан дали претходно имал проблеми со алергиски реакции.

Професорот Стивен Пауис, еден од директорите во НХС за Англија, рече дека МХРА даде ваков совет како претпазливост бидејќи две лица добиле алергиска реакција.

„Тие две лица добро закрепнуваат“, додаде тој.

Велика Британија е прва земја во светот што одобри употреба на вакцина на компанијата „Фајзер“, а САД сè уште не го сторија тоа.

Scroll to Top