(Видео) Загинатиот чешки милијардер бил на хели-скијање во луксузно одморалиште на Алјаска

пред 3 години

Најбогатиот човек во Чешка, милијардерот Петр Келнер (56), познат како сопственик на „Теленор“ во Србија, е една од петте жртви во хеликоптерска несреќа на Алјаска, соопшти денеска неговата финансиска група ППФ.

Келнер загина во саботата кога се урна хеликоптер на Алјаска, во кој тој беше со неговиот близок соработник и уште четири други лица. Кобниот ден, милијардерот тргнал со хеликоптер од популарно одморалиште на хели-скијање. Хеликоптерот требало да ги однесе на завеаните планини недалеку од Енкориџ, од каде потоа со огромна брзина требало да се спуштат кон подножјето.

Келнер обожавал скијање и сноуборд, исто како и неговиот соработник Бенџамин Ларокаи (50) кој обожавал сноуборд во слободен стил. Двајцата биле чести гости во одморалиштето на Алјаска каде што еднонеделен престој, како што пишуваат медиумите, чини околу 15.000 долари.

Кобниот ден, Келнер влегол во хеликоптер заедно со Ларокаи, Грег Хармс, кој водеше бизнис со хели-скијање и двајца водичи за скијање и се упатил кон глечерот Ник, кој е на околу 100 километри од најголемиот град на Алјаска.

Бидејќи не се вратиле во одморалиштето, веднаш биле алармирани  спасувачките екипи кои веднаш започнале со пребарување на теренот. Околу 22 часот ги пронашле остатоците од хеликоптерот и во него пет тела и еден ски-водич кој се наоѓал во сериозна состојба.

Тие на самото место ги пронашле телата на Келнер (56), неговиот близок соработник Бенџамин Ларокаи (50), Грегори Хармс (52) од Колорадо, локалниот Шон Мек Манами (38) и пилотот Захари Расел (33). Повредениот водич, кој не е именуван, е пренесен во болница во критична состојба.

Според медиумите, Хармс се занимавал со хели-скијање повеќе години. Неговите соработници велат дека немало никој поискусен од него. Шон Мек Менами бил искусен водич кој се занимавал со деловни активности веќе десет години, а ги водел гостите од одморалиштето во последните пет.

Захари Расел исто така бил искусен пилот. Никој сè уште не знае што довело до пад на хеликоптерот.

Одморалиштето во кое престојувал Келнер постои скоро две децении и таква несреќа никогаш не се случила.

Хели-скијањето е екстремен спорт кој подразбира скијање или сноуборд надвор од патека, а наместо со жичара, на старт се доаѓа со хеликоптер.

Овој вид туризам е многу популарен на Алјаска, но и во други земји. Се проценува дека секоја година има 15.000 летови со хеликоптери во Швајцарија, до 42 места за слетување. Хели-скијањето е забрането во Германија, а во Франција е забрането во 1985 година.

Scroll to Top