Најбогатиот Чех, Петр Келнер, загина во хеликоптерска несреќа на Алјаска

пред 3 години

Пет лица, меѓу кои и најбогатиот човек во Чешка, Петр Келнер, загинаа кога нивниот хеликоптер се сруши во близина на глечер во Алјаска, соопштија властите.

Чешкиот милијардер Петр Келнер, чија финансиска вредност списанието Форбс ја проценува на 17,5 милијарди долари, се наоѓаше во хеликоптерот „Ербас АС350 Б3“, кој се сруши во близина на глечерот Ник, планинско одморалиште, пишува Њујорк Тајмс.

Едно од преживеаните лица е во сериозна, но стабилна состојба, според властите на Алјаска, кои посочиле дека Националниот одбор за безбедност во сообраќајот ќе спроведе истрага за да утврди што ја предизвикало несреќата.

Педесет и шест годишниот Келнер беше основач и мнозински акционер на групата „ППФ“.

„Њујорк Тајмс“ објави дека Келнер го стекнал своето прво богатство во 90-тите години, по основањето на инвестициски фонд, со кој купи контролен удел во најголемата осигурителна компанија во земјата.

Весникот додава дека во октомври Келнер купил голема европска радиодифузна мрежа, Централноевропски медиумски претпријатија, за 1,1 милијарди долари, што предизвика загриженост во Чешка дека мрежата може да ја изгуби својата независност.

Тој беше оженет и имаше четири деца.

Scroll to Top