ВИДЕО: Критики за Ердоган откако одржа партиски конгрес со 10.000 луѓе во затворена сала

пред 3 години

По денешниот конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), на кој едногласно беше реизбран претседателот на партијата и на државата, Реџеп Таип Ердоган, на социјалните мрежи се појавија критики за организацијата на настанот.

Илјадници членови и симпатизери на АКП од цела Турција дојдоа во Анкара, голем дел од нив организирано со автобуси, и ја исполнија спортската арена со 10.400 седишта во турскиот главен град, кршејќи ги со тоа важечките здравствени прописи за заштита од коронавирусот, кои налагаат одржување физичка дистанца меѓу учесниците на вакви собири.

Опозицискиот политичар и пратеник Мурат Емир ги опиша сцените од Анкара како „срамни“ и објави снимки на кои се гледаат симпатизерите на Ердоган како играат и пеат во полн автобус, а дел од нив не носат заштитни маски.

Дел од корисниците на социјалните мрежи коментираат дека за симпатизерите на владејачката партија не важи задолжителното носење заштитна маска – мерка за чие непочитување обичните турски граѓани се казнуваат со 3.000 лири (околу 320 евра).

Ердоган зборуваше околу два часа, а за тоа време често беше прекинуван од возбудените членови на партијата, кои во манир на фудбалски навивачи скандираа кога претседателот ќе го спомнеше нивниот град или делегатот од нивниот регион.

Лидерот рече дека го скратил излагањето за да не ги изложува присутните на можноста да се заразат.

Според високи функционери на АКП, сите 1.340 партиски делегати кои учествувале на конгресот биле тестирани на коронавирусот пред настанот.

Scroll to Top