Владата на Калифа Хафтар го поздрави договорот за обединување на Либија

пред 3 години

Владата на Либиската национална армија, на генералот Калиф Хафтар, која раководи со источниот дел од поделената Либија, го поздрави вчерашното соопштение од новата привремена влада дека ќе ја обедини земјата, но додаде дека ќе ја отстапи власта само доколку тоа го одобри нивниот парламент, пренесоа британските медиуми.

Оваа условена изјава за поддршка на владата на Абдулах ал-Тини остава простор ваквата одлука подоцна и да се промени, илустрирајќи ги предизвиците со кои се соочуваат Обединетите нации, кои напорно работат на изнаоѓањето политичко решение за деценискиот хаос, поделби и насилство во Либија, соопштија британските медиуми.

Хафтар, кој од источниот парламент официјално е назначен за прв човек на армијата, веднаш не даде изјава за најавата за привремена влада, но неговиот Генералштаб соопшти дека го поздравува договорот и ги повика сите да помогнат во спроведување на декемвриските избори.

Седумдесет и четири члена на Либискиот форум за политички дијалог (ЛПДФ), потпомогнати од ОН, вчера го избраа политичкиот активист од југот на земјата, Абдулхамид Мохамед Дбеибех, за премиер, а поранешниот либиски амбасадор во Грција, Мохамед Менфи за шеф на Претседателскиот совет, што ќе ги надгледува подготовките за националните парламентарни и претседателски избори закажани за декември.

Поразените на гласањето, шефот на парламентот од истокот на земјата, Агила Салих и министерот за внатрешни работи на западната влада, Фати Бајагага, ја поддржаа новата влада.

Според правилата договорени од либиските преговарачи, избрани од ОН да ги претставуваат ривалските политички струи во земјата, новиот премиер Абдулхамид Дбеибех има рок од три недели да формира нова влада и да ја претстави пред парламентот.

За последните пет години, Владата на Националното единство (ГНА), поддржана од ОН, предводена од Фајез ал-Сарај, владееше со главниот град Триполи и западниот дел на земјата, а истокот го предводеше ривалската страна, предводена од воен командант Калифа Хафтар.

Scroll to Top