Во претседателскиот замок во Прага запалени свеќи за жртвите на Ковид-19

пред 3 години

Во претседателскиот замок Храдчани во Прага беа запалени 30.000 свеќи, симболично по една за секоја жртва на Ковид-19 во Чешка, а првата ја запали чешкиот претседател Милош Земан.

– Морам да кажам дека самите сме одговорни за смртта на некои од нив поради нашата рамнодушност, непромисленост и, пред сè, затоа што подлегнавме на искушението предвреме да ги олесниме мерките и поради тоа епидемијата се врати во неколку бранови, рече Земан одавајќи им почит на жртвите.

Земан изрази надеж дека пандемијата во Чешка ќе исчезне најдоцна во септември оваа година, благодарение на масовната кампања за вакцинација.

– Пандемијата ќе ја паметиме како ужасен сон, рече тој.

Фактот дека свеќите се ставени во проѕирни пластични чаши за пиво, предизвика критики на социјалните мрежи, но портпаролот на кабинетот на претседателот, Вит Новак, објасни дека свеќите не можеле да се стават без нив поради ветрот, а и за да се задржи стопениот восок во чашата.

Во Чешка од почетокот на пандемијата на Ковид-19 до неделата починале 29.711 лица, а земјата со 10,7 милиони жители во првите три месеци од оваа година беше на првото или второто место во Европа со најголем број на смртни случаи на милион жители.

Scroll to Top