Европскиот парламент ги поддржа и „ЕУ ковид-сертификатите“ за трети земји

пред 3 години

Европскиот парламент ја усвои преговарачката позиција именувајќи ги предложените дигитални зелени сертификати за патување во ЕУ како „ЕУ ковид-сертификати“ со важност до 12 месеци. Законодавниот предлог за издавање на сертификати за граѓаните на ЕУ беше одобрен со 540 гласа „за“, 119 „против“ и 31 воздржан, додека оној за државјани на трети земји помина со 540 гласа „за“, 80 „против“ и 70 воздржани.

Европратениците нагласуваат дека ЕУ ковид-сертификатите не се патни исправи и дека земјите членки не треба да им наметнуваат карантин односно тестови на носителите на овие сертификати.

Поддржан е предлогот дека документот, кој може да биде во дигитален или хартиен формат, потврдува дека лицето е вакцинирано против коронавирус или дека има неодамнешен негативен резултат од тестот или ја прележал заразата. Европратениците исто така посочуваат дека, со цел да се избегне дискриминација на оние кои не биле вакцинирани и од економски причини, земјите од ЕУ треба да обезбедат универзално, достапно, навремено и бесплатно тестирање.

Се додава дека земјите членки мораат да прифаќаат сертификати за вакцинација издадени во други земји членки за лица кои примиле вакцини одобрени од Европската Унија за лекови (моментално „Фајзер“, „Модерна“, „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“), а од членките зависи дали ќе одлучат да прифатат и сертификати за вакцинација издадени во други земји членки за вакцини наведени од Светската здравствена организација за итна употреба.

Европскиот парламент бара идните сертификати да бидат верификувани за да се спречи измама и фалсификување, како и личните податоци добиени од сертификатите да не можат да се чуваат во земјите членки на дестинацијата, ниту пак ќе биде воспоставена централна база на податоци на ниво на ЕУ.

Scroll to Top