Експерти: Австриската разузнавачка служба е застарена

пред 3 години

Австриската разузнавачка служба е целосно застарена и не може доволно да ги заштити граѓаните од тероризам и други опасности, предупредија локални експерти.

Шефот на Службата за заштита на уставноста и борбата против тероризмот (ЛВТ) на покраината Штаерска, Руперт Мајкснер даде ваква анализа за институцијата што ја предводи.

Тој посочи дека во Штаерска има 14 џамии кои работат спротивно на Уставот и повеќе од 2.000 исламисти, вклучително и 23 лица кои се карактеризираат како потенцијално опасни лица и додаде дека ЛВТ не може доволно да ги надгледува.

Во врска со ова, експертот за безбедност од Грац, Зигфрид Бер за виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“ изјави дека и тој знаел оти ситуацијата е загрижувачка, но не толку страшна.

– Одамна предупредувам дека во нашата земја се можни терористички напади, а тоа го докажа и нападот во Виена. Технолошките методи на разузнавачките служби се целосно застарени и некоординирани, тврди Бер.

Тој рече дека обуката на членовите на ЛВТ мора да се реформира.

– Во службата мора да бидат најдобрите глави на земјата, смета тој и додава дека така американските служби регрутираат луѓе на универзитетите со години.

Бер исто така го критикуваше фактот што првиот „разузнавач“ на Штаерска го испратил своето предупредување на приватна електронска пошта до гувернерот на провинцијата.

– Тоа не беше паметно“, вели тој.

Експертите сметаат дека терористичкиот напад на 2 ноември во Виена, во кој беа убиени четири лица, а повеќе од 20 беа ранети, покажа слабости на разузнавачката служба, која не ја препознала опасноста што доаѓала од терористот Кујтим Фејзулај.

Scroll to Top