ЕУ денеска очекува одобрување на вакцината на АстраЗенека

пред 3 години

Европската унија попладнево очекува препорака од Европската агенција за лекови (ЕМА) за употреба на вакцината на АстраЗенека, а во меѓувреме од фармацевтската компанија до Унијата дојде понуда за зголемување на испораката за осум милиони дози.

Европската агенција за лекови треба да ја објави својата препорака во текот на денот, врз основа на која Комисијата може да одобри употреба на вакцините на АстраЗенека. Во Германија, во меѓувреме, комитетот за одобрување вакцини соопшти дека не ја препорачува вакцината за луѓе над 65 години. Фирмата одговори со изјава во која се наведува дека неодамнешните студии ја потврдуваат ефекасноста на вакцината и кај луѓе над таа возраст.

Откако минатата недела британско-шведската компанија „АстраЗенека“ објави дека нема да може да ја испорача количината на дози за кои се обврза во потпишаниот договор со Европската комисија, последните денови се водеа интензивни разговори за решавање на проблемот. Европската комисија инсистира на тоа дека овој производител на вакцини мора да ги исполни своите обврски.

Според официјален претставник на ЕУ, цитиран од Ројтерс, како што пренесува Хина, АстраЗенека понудила да ги зголеми испораките за осум милиони дози, но сепак тоа е недоволно и далеку од тоа што компанијата го договори со Комисијата.

АстраЗенека минатата недела соопшти дека поради проблеми со производството, нема да може да испорача 80 милиони дози на Европската унија, како што беше планирано за првиот квартал, туку само 31 милион. И со зголемување од осум милиони дози, Европската унија би добила само половина од договорените 80 милиони.

Досега се одобрени две вакцини против Ковид-19 во Унијата, и тоа на Фајзер/БиоНТек и на американската Модерна.

Scroll to Top