САД ќе ги донираат сите свои 60 милиони дози од вакцината „АстраЗенека“ низ светот

пред 3 години

САД ќе го дистрибуираат целиот контингент на вакцини АстраЗенека на други земји веднаш штом вакцината ќе ја помине ревизијата на федералните здравствени служби, а станува збор за околу 60 милиони дози што ќе бидат донирани во наредните месеци, соопшти Белата куќа.

Вакцината на британско-шведската компанија АстраЗенека се користи во голем дел во светот, но сè уште не е одобрена од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) во САД.

Најавениот потег ги проширува плановите на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за дистрибуција на четири милиони дози вакцини во Мексико и Канада.

Белата куќа се реши на овој чекор откако беше обновена употребата на вакцината на Џонсон и Џонсон, а освен тоа, Американците во секое време можат да добијат дополнителни вакцини на домашните компании Фајзер и Модерна.

– Со оглед на големиот број на вакцини кои веќе се даваат во САД и се одобрени од ФДА, а бидејќи АстраЗенека не е одобрена за употреба во САД, нема да ни требаат вакцините од Оксфорд во следните неколку месеци. Затоа, САД бараат опции што побрзо да ги споделат дозите на АстраЗенека со други земји – изјави координаторот на Белата куќа за Ковид-19 Џеф Зајентс.

Околу десет милиони дози од вакцината треба да поминат ревизија на ФДА за да се проверат стандардите за квалитет на производот, додаде Зајентс.

– Тој процес може да заврши во следните неколку недели. Уште 50 милиони дози се во различни фази на производство и ќе можат да бидат испорачани во мај и јуни, во зависност од дозволата на ФДА – изјави претставникот на Белата куќа.

Сè уште не е познато во кои земји ќе бидат испорачани вакцините.

Американската влада нарача 300 милиони дози од вакцината, иако „АстраЗенека имаше проблеми во производството и во испораката.

Scroll to Top