Западот бара Русија да го ослободи Навални, Москва одговара: гледајте си ги своите проблеми

пред 3 години

Претседателот на Франција, Емануел Макрон вечерва се придружи на апелите кои доаѓаат од сите западни земји – за итно ослободување на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој денеска доби пресуда според која мора да одлежи две години и осум месеци затвор.

– Пресудата за Алексеј Навални е неприфатлива. Политичкото несогласување никогаш не е злосторство. Бараме негово итно пуштање на слобода, напиша Макрон на Твитер.

На денешната пресуда на Навални реагираше и шефот на дипломатијата на Европска Унија, Жозеп Борел, истакнувајќи дека е во спротивност со меѓународните обврски на Русија во областа на владеење на правото и фундаменталните слободи.

– Во спротивност е и со предудата на Европскиот суд за човекови права, кој случајот го окарактеризира како произволен и неразумен. Барам негово моментално ослободување, напиша Борел на Твитер.

Претходно и германскиот и британскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас и Доминик Раб побараа ослободување на Навални.

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли повиците на западните земји за ослободување Навални, нагласувајќи дека тие не можат да се мешаат во внатрешните работи на Русија.

– Не се мешајте во внатрешните работи на една суверена држава. Ви порачуваме секој да се занимава со своите проблеми, истакна портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Таа додаде дека однесувањето на западните дипломати за случајот со Навални е низа испланирани политички сценарија.

Претходно, претседателот на Франција, Емануел Макрон, шефот на дипломатијата на Европска Унија, Жозеп Борел, како и министрите за надворешни работи на Германија и на Велика Британија, Хајко Мас и Доминик Раб побараа ослободување на Навални.

Опозиионерот беше уапсен на 17 јануари откако се врати од Германија, каде се лекуваше по труењето, за кое германски и други западни експерти утврдија дека било предизвикано од нервниот гас Новичок, кој се произведувал во времето на Советскиот Сојуз, а наводно се употребува од страна на руските тајни служби денес.

Според руските власти, Навални и неговиот брат финансиски ја оштетиле компанијата Ив Роше, поради што беа осудени на 3,5-годишни условни казни, а руската Федерална казнено-поправна служба побара казните да се преиначат во казна затвор по враќањето на Навални во Русија.

Scroll to Top