И Франција и Италија ќе ги забранат летовите од Велика Британија

пред 3 години

Франција размислува да ги забрани сите летови од Велика Британија, откако на островот се појави нов вид на коронавирус, јави телевизијата БФМ.

Официјалната одлука можно е да биде објавена во текот на денот, додаде БФМ, без да наведува извори, додека официјални претставници на француското Министерство за транспорт не беа достапни за коментар.

Италија исто така планира да ги прекине летовите од и кон Велика Британија поради стравот од новиот вид на коронавирусот што е откриен на островот, напиша шефот на италијанската дипломатија Луиџи ди Мајо на својот профил на Фејсбук.

„Како влада имаме должност да ги заштитиме Италијанците, и од тие причини, откако ја известивме британската Влада, заедно со Министерството за здравство се подготвуваме да потпишеме указ за прекин на летовите од и кон Велика Британија“, напиша Ди Мајо.

„Наш приоритет е да ја заштитиме Италија и нашите сонародници“, додаде шефот на италијанската дипломатија.

Забрана за летови од Велика Британија во текот на денот веќе воведоа Холандија и Белгија, кои одлучија да го прекинат и железничкиот сообраќај.

Scroll to Top