Комитет за заштита на новинарите: Во 2020 година уапсени рекордни 274 новинари

пред 3 години

Комитетот за заштита на новинарите денеска соопшти дека до 1 декември годинава дури 274 новинари ширум светот завршиле во затвор заради нивната работа, јави агенцијата Анса.

Втора година по ред Кина се наоѓа на првото место, каде што годинава беа затворени 47 новинари од сите видови медиуми, по што следат Турција, која во затвор испрати 37, Египет 27 и Саудиска Арабија 24 новинари.

Во Иран годинава биле уапсени 15 новинари, а еден од нив Рухола Зам пред неколку дена беше погубен под обвинение за ширење лажни вести и шпионирање за странска земја.

Во извештајот на Комитетот, со седиште во Њујорк, се наведува дека годинава новинарите се подложени на уште поголем притисок од политичарите во вршењето на својата работа, бидејќи многу влади, во обид да ја прикријат вистинската епидемиолошка состојба поради пандемијата со Ковид-19, обвинија и затворија многу новинари.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика владите да ги ослободат новинарите уапсени само затоа што си ја вршеле својата работа.

-Во нашиот секојдневен живот, медиумите и новинарите се неопходни при донесување одлуки, а уште повеќе за време на пандемијата на Ковид-19, бидејќи точните информации често пати се одлучувачки меѓу животот и смртта, рече Гутереш за извештајот на Комитетот.

Scroll to Top