Креаторот на вакцината на Фајзер: Животот ќе се врати во нормала ова време догодина

пред 3 години

Животот може да се врати во нормала следната зима, изјави денеска креаторот на вакцината на Фајзер против коронавирусот Угур Шахин.

Професорот Шахин, еден од основачите и извршен директор на компанијата БиоНТек, која учествува во развојот на вакцината, рече дека вакцината може да го преполови пренесувањето на вирусот, што ќе резултира со „драматично намалување“ на бројот на пријавени случаи.

Минатата недела, Фајзер и БиоНТек соопштија дека ефикасноста на нивната вакцина против коронавирусот е над 90 проценти, врз основа на 43.500 волонтери кои учествувале во тестирањето.

Ефикасноста на вакцината е значително поголема отколку што очекуваа научниците, поради што извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла ова откритие го нарече „големо за човештвото и науката“.

За вакцината сè уште има предизвици пред да стигне до населението, но се претпоставува дека вакцината треба да биде во употреба пред крајот на годинава.

– Оваа зима ќе биде тешка. Затоа, нема да забележиме многу придобивки од вакцината оваа зима. Ако сè оди според планот, ќе започнеме со испорака на вакцината до крајот на годината и почетокот на 2021 година. Нашата цел е да испорачаме повеќе од 300 милиони дози до април, а потоа ефектот веќе ќе почне да се чувствува, изјави Шахин за Би-Би-Си.

Шахин додаде дека е „апсолутно неопходно“ да се заврши имунизацијата на човештвото пред следната есен.

– Сигурен сум дека тоа ќе се случи, бидејќи бројни фармацевтски компании ни помагаат да испорачаме кога ќе дојде време, за да можеме да имаме нормална следна зима, заклучи Шахин.

Scroll to Top