Курц: Ова не е војна меѓу христијаните и муслиманите, туку меѓу оние кои сакаат мир и оние кои сакаат војна

пред 4 години

Австрискиот канцелар Себастијан Курц се огласи на „Твитер“ и рече дека четири лица загинале, а 14 се повредени во терористичкиот напад во Виена.

Тој го карактеризираше нападот како терористички.

Курц им порача на граѓаните дека овој напад во Виена не е и не може да се сфати како војна помеѓу христијаните и муслиманите, или Австријците и мигрантите, туку меѓу  оние кои сакаат мир и оние кои сакаат војна.

Тој исто така рече дека денес напладне, со едноминутно молчење, ќе им се оддаде почест на сите жртви на терористичкиот напад во Виена, и дека војската ќе остане на улиците на Виена, со цел да се зачува имотот, додека полицијата е ангажирана во потрагата и идентификување на сите одговорни за вчерашниот напад.

„Нема да нè исплашат терористите, ќе го зачуваме нашиот начин на живеење и демократија со се што ќе располагаме. Ќе ги бараме и ќе ги најдеме сторителите, нивните помагачи и нивните истомисленици и ќе ги изведеме пред лицето на правдата. Ние ќе го гониме секој што има врска со ова“, напиша Курц.

„Ова беше напад од омраза, омраза кон нашите вредности, нашиот начин на живот, нашата демократија, во која сите луѓе ги имаат истите права“, додаде тој на „Твитер“.

 

Scroll to Top