Москва протера тројца европски дипломати поради учество во протестите, експресни реакции од Меркел и Макрон

пред 3 години

Русија протерала тројца европски дипломати затоа што присуствувале на недозволените собири за поддршка на уапсениот руски опозиционер Алексеј Навални.

Протеруваните дипломати се од Германија, Полска и Шведска, пишува „ЕУобсервер“, повикувајќи се на извор во Унијата.

Според информациите од порталот, тоа било сторено за време на прес-конференцијата на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.

Борел е во официјална посета на Москва.

Германската канцеларка Ангела Меркел го осудила протерувањето на германскиот дипломат од Москва, изјавувајќи дека тоа е само уште еден чекор наназад од владеењето на правото.

Таа на прес-конференција по видео-средба со францускиот претседател Емануел Макрон посветена на одбраната и безбедноста, рекла дека верува оти протерувањето е неоправдано, пренесува „Ројтерс“.

„За време на состанокот добивме вест за протерувањето“, нагласила Меркел.

„Се солидаризирам со трите земји чии дипломати се протерани“, рекол и Макрон по виртуелниот состанок со германската канцеларка, додавајќи дека многу остро го осудува однесувањето на Москва кон опозиционерот Навални.

Scroll to Top