Навални итно префрлен во болница со симптоми на респираторна инфекција

пред 3 години

Опозиционерот Алексеј Навални, кој е во затвор во Русија, е префрлен во затворската болница поради можна респираторна инфекција и направен му е тест за коронавирусот, објави весникот Известија, повикувајќи се на затворската служба.

Навални претходно се жалеше дека има покачена температура и силна кашлица, како и дека тројца од 15 затвореници од неговиот оддел се на болничко лечење поради туберкулоза.

42-годишниот Навални, еден од најистакнатите критичари на рускиот претседател Владимир Путин, минатата недела соопшти дека стапува во штрајк со глад.

Тој се пожали дека управата на затворот не му овозможува соодветна медицинска нега за акутната болка во грбот и во нозете.

Затворската управа соопшти дека попладнето е направена дезинфекција во сите простории во кои бил Навални, во случај тој да е заразен со коронавирусот.

Казнено-поправната институција ги негираше наводите на Навални дека во една од затворските единици имало случаи на туберкулоза и додаде дека во таков случај, сите затвореници би биле во карантин.

Scroll to Top