ОН: Во Јемен повеќе од два милиона деца под пет години ќе страдаат од неухранетост

пред 3 години

Во Јемен, во 2021 година, половина од децата на возраст под пет години ќе страдаат од неухранетост – околу 2,3 милиони, а стотици илјади деца може да починат поради недостиг на хуманитарна помош, предупредија денеска агенциите на Обединетите нации (ОН).

Оваа земја веќе беше погодена од најтешката хуманитарна криза во светот, со десетици илјади мртви, милиони раселени и население на работ на глад.

„Неисхранетоста им се заканува на половина од децата на возраст под пет години во Јемен во 2021 година“, што е речиси 2,3 милиони деца, предупреди Организацијата за храна и земјоделство на ОН, Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ), Светската програма за храна и Светската здравствена организација.

Според агенциите на ОН, околу 400.000 деца ќе страдаат од тешка акутна неухранетост и може да починат ако не се лекуваат.

Бројот на неухранети деца во Јемен годинава ќе биде за 22 проценти поголем отколку во 2020 година, се наведува во извештајот.

Во Јемен, исто така, се очекува околу 1,2 милиони бремени жени и доилки да страдаат од акутна неухранетост во 2021 година.

Јеменските безбедносни сили поддржани од арапската воена коалиција предводена од Саудиска Арабија и шиитските бунтовници поддржани од Иран се борат во Јемен од 2015 година.

ОН редовно потсетува дека на народот во Јемен му е потребна хуманитарна помош.

Scroll to Top