Осум приведени на антивладин протест во Ерменија

пред 3 години

Осум лица се приведени на антивладини демонстрации пред зградата на парламентот на Ерменија во центарот на Ереван, изјави ерменската полиција за „Спутник“.

Демонстрантите се собраа пред зградата на парламентот во утрово – кога законодавниот дом требаше да се состане на вонредна седница – за да побараат премиерот Никол Пашинјан да се повлече.

„Осум лица досега се приведени во полиција“, рече портпаролот на ерменската полиција.

Полицијата ја опколи зградата и распореди дополнителни полициски сили. Демонстрантите фрлаа јајца кон автомобилите на пратениците, што предизвика судир со политичар од ерменската владејачка партија „Мој чекор“.

Како што јавува дописникот на „Спутник“ од Ереван, демонстрантите потоа марширале кон плоштадот Република, каде што има неколку владини згради, за да се приклучат на уште еден протест против Пашинјан. Засега, ситуацијата останува мирна во услови на големо полициско присуство.

Ерменската опозиција бара оставка од Пашинјан откако тој на 9 ноември потпиша трилатерална декларација со лидерите на Русија и Азербејџан за прекинување на вооружениот конфликт во спорниот регион Нагорно-Карабах.

Примирјето повлече значителни територијални отстапки за Азербејџан, поради што многу Ерменци не се задоволни, особено што околу 2.300 ерменски војници, наводно, загинале од почетокот на конфликтот.

Минатиот петок, Пашинјан предложи одржување предвремени избори, но ова беше одбиено од опозицијата која бара тој да се повлече прв бидејќи се стравува дека премиерот има доволно влијание да свика избори.

Scroll to Top