Петкова: Бугарскиот парламент ќе одлучи дали да се гради АЕЦ „Белене“

пред 3 години

Без разлика каква одлука ќе биде донесена за АЕЦ „Белене“, неа ќе ја донесе парламентот, изјави денеска бугарската министерката за енергетика, Теменујка Петкова, како одговор на прашањето на пратеникот од БСП, Васил Антонов, за напредниот проект за изградба на нов капацитет на втората локација на АЕЦ „Козлодуј“ и намерата во неа да се инсталира нарачаната опрема за АЕЦ „Белене“, што во моментов се чува таму, пренесе неделникот „Банкер Дејли“.

Министерката, пренесува дописникот на МИА од Софија, потсети дека по одлуката на Националното собрание од 2018 година за изградба на АЕЦ „Белене, во 2019 година се појавија нови факти и околности во врска со изградбата на Седмиот блок на АЕЦ „Козлодуј“. Откако беше подготвен извештај, тој покажа дека нема техничка пречка за расположливата опрема на постројката што ќе се користи за изградба на Седмиот блок од Козлодуј.

-Работна група во моментов подготвува правна и финансиско-економска анализа за да види како може да се изведе структурирањето на ваквиот проект, но штом оваа анализа биде подготвена, парламентот ќе ја донесе конечната одлука за ова прашање, рече Петкова.

Таа посочи дека во нацрт-енергетската стратегија, како и во Интегрираниот план „Клима и енергија“, изработен од повеќе агенции, пишува дека во следните години на Бугарија и е потребна основна енергетска моќ од 2.000 мегавати.

Министерката за БНТ изјави дека коронавирусот го одложил договорот за интерконекторот со Грција. Проектот ќе заврши до крајот на годината, а сега се следи заживувањето на економијата и побарувачката за природен гас.

-Не би рекла дека ова е пресврт во политиката, но постојат околности што треба да се решат што е можно побрзо. Затоа, ние се стремиме да ја анализираме оваа опција и да направиме анализа на финансиското и економското влијание на таквата опција, по анализата на европското законодавство, објасни Петкова.

Анализата, според неа, ќе биде готова до јуни, и сега не е најважно дали ќе има нов состав на парламентот, бидејќи на Бугарија и е потребна нова енергетска моќ.

Таа ги коментираше и критиките на претседателот Румен Радев за „Балкански тек“ и неговите зборови дека „во него се закопани три милијарди лева“.

-„Балканскиот тек“ е изграден врз основа на европското законодавство, во согласност со европските барања и директивата поврзана со природниот гас, увери Петкова.

Според неа, погрешно е политичките противници да имаат генерално негативен став кон работата на владата и да се негира се што таа има направено.

Scroll to Top