Полска повторно ги повика производителите на вакцини против Ковид-19 да ја споделат лиценцата

пред 3 години

Полска им предложи на производителите на вакцини да ја „споделат“ лиценцата за производство, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак за националното радио.

Полска во моментов добива вакцини од три производители: Фајзер, Модерна и АстраЗенека. Сите испораки се во рамките на европскиот договор. Властите во земјата постојано изразуваат незадоволство против производителите кои не ги исполнуваат претходно склучените договори за условите и обемот на испораките.

– Договорот што Европската комисија го потпиша со производителите на вакцини се покажа како неефикасен. Премиерот Матеуш Моравјецки предложи компаниите да ги споделат своите лиценци за производство, со цел одобрените вакцини да можат да бидат произведени од други фармацевтски компании, вклучително и оние со капацитети во Полска, рече Блашчак.

Тој истакна дека Полска има можности да произведува вакцини.

Полскиот министер за одбрана потврди дека властите разговараат за можноста за купување вакцини од Кина. Претстои состанок на групата за управување со кризи, на кој ќе се дискутира на оваа тема.

– Бараме можност што побрзо да вакцинираме што е можно повеќе од населението, рече Блашчак.

Според последните податоци, во Полска се испорачани повеќе од 3,85 милиони дози вакцини, од кои се искористени повеќе од 3,33 милиони дози.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки минатата недела изјави дека фармацевтските компании кои добија државна поддршка за развој на вакцина против Ковид-19 треба да ги поделат правата на интелектуална сопственост со другите за да се зголеми производството.

– Парите што ги потрошивме заедно за оваа цел беа наменети за научници и фармацевтски компании, а сега се чини дека заостануваат во производството, односно вакцините од европските фабрики се испраќаат надвор од ЕУ, напиша Моравјецки на социјалните мрежи.

– Здравјето и животот на граѓаните се премногу важни за да бидат жртвувани за подобро финансиско работење на неколку компании, истакна полскиот премиер, додавајќи дека дал предлог за споделување патенти на вчерашниот самит на ЕУ.

Фармацевтските компании би добиле компензација за пренесување на правата на интелектуална сопственост, изјави портпаролот на полската влада Пјотр Мулер.

Кон крајот на јануари, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел им се закани на фармацевтските компании со вонредни мерки доколку испораките на вакцините продолжат да се одложуваат.

Членот 122 од Договорот за ЕУ пропишува вонредни мерки „во случај на сериозни потешкотии во снабдувањето со одредени производи“.

Земјите од ЕУ може да ја овластат Европската комисија да донесе одлука за вонредни мерки, изјави неименуван официјален претставник за агенцијата ДПА. Брисел, на пример, може да издаде „присилна лиценца“ што ќе овозможи вакцината да ја произведуваат други производители, без согласност на сопственикот на патентот, сугерира тој.

Scroll to Top