Рама од Кукс: Косово и Албанија се едно и така ќе биде до крај, а Вучиќ нека објавува мапи

пред 3 години

Албанскиот премиер Еди Рама од северниот албански град Кукс изјави дека Косово и Албанија се едно, што за албанските медиуми е силен одговор до претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Рама од Кукс, каде почна вакцинацијата на косовските здравствени работници против Ковид-19, со вакцини донација на неговата земја, порача: „нека тој пријател објавува мапи и нека си игра на Фејсбук, ние сме едно и така ќе продолжиме до крај“.

-Добредојдовте и искрено се чувствувам многу добро. Започнавме со 500. Нема да ве оставиме таму сами, бидејќи на крајот на краиштата ние сме едно. Фактот што вакцинацијата се одвива во Кукс е поради тоа што компаниите не дозволуваат да изнесеме вакцини надвор. Кукс припаѓа и на Албанија и на Косово. Нека тој пријател во Белград објавува мапи и си игра на Фејсбук, ние сме едно и така ќе продолжиме до крај. На здравје, изјави Рама.

На објавата на Вучиќ реагираше и опозицискиот лидер, демократот Љуљзим Баша, кој му порача на Вучиќ дека Косово е реалност од која нема враќање, додека, пак, поранешниот претседател и премиер Сали Бериша побара Албанија да го прогласи за „персона нон грата“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм објави фотографија на која мапата на Косово е покриена со српско знаме, а напиша и коментар дека Косово е „српски крст“.

Објавата на социјалната мрежа Вучиќ ја направи по повод годишнината од насилството во Косово, што се случи на 17 март 2004 година.

– Косово не е наше бреме, туку наш крст, и од крстот подобро се гледа воскреснувањето отколку од под него, напиша Вучиќ.

Scroll to Top