Русија ѝ возврати на ЕУ поради санкциите за случајот на Навални

пред 3 години

Во светло на антируските санкции на Европската Унија за случајот со блогерот Алексеј Навални, Русија донесе одлука за проширување на списокот на претставници на ЕУ на кои им е забранет влез во Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесува ТАСС.

Руското МНР го отфрли како неприфатливо воведувањето нелегални ограничувачки мерки иницирани од водечките земји-членки на ЕУ против голем број Руси под изговор за нивна наводна вмешаност во случајот Навални.

„Земјите кои ја иницираа оваа мерка не презентираа докази ниту пред руските власти, игнорирајќи ги континуираните барања испратени до нив, ниту пред сопствените партнери во ЕУ. Под превезот на тајност, Советот на ЕУ донесе избрзана конфронтирачка политичка одлука спротивна на меѓународните правни прерогативи на Советот за безбедност на ОН и на Хелсиншките принципи за немешање во внатрешните работи, за соработка меѓу државите и за ревносно почитување на обврските преземени според меѓународното право. Конкретните имиња беа избрани произволно за да одговараат на одлуката на Советот на ЕУ за која станува збор“, соопшти министерството.

„Во врска со гореспоменатото и во согласност со принципот на возвратни мерки, донесена е одлука за проширување на списокот на претставници на земјите од ЕУ на кои им е забранет влез во Русија. Лицата од списокот се одговорни за засилување на антируските санкции во ЕУ“, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи.

На шфовите на германската, француската и шведската дипломатска мисија им беа врачени соодветните вербални ноти. Таква нота беше испратена и до Канцеларијата на мисијата на ЕУ во Москва.

„Потврдуваме дека непријателските чекори на западните земји ќе продолжат да повлекуваат соодветен одговор“, велат од руското МНР.

На 15 октомври, ЕУ ги вклучи во списокот санкции поврзани со случајот Навални директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников, првиот заменик-началник на претседателскиот кабинет, Сергеј Киријенко, шефот на Дирекцијата за внатрешна политика на претседателскиот кабинет, Андреј Јарин, замениците-министри за одбрана Алексеј Криворучко и Павел Попов и претседателскиот претставник во Сојузниот округ на Сибир, Сергеј Менјаило.

Scroll to Top