Сакеларопули: Лидерите на партиите први даваат пример за важноста на масовната вакцинација

пред 3 години

Им благодарам на премиерот, на лидерот на опозицијата, на претседателката на Движење за промена и на генералните секретари на Комунистичката партија и на МЕРА25 што го прифатија мојот повик, заедно да ја истакнеме важноста на масовната вакцинација, самите давајќи го првиот пример, рече претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу по контактите со лидерите на политичките партии, јави дописничката на МИА од Атина.

Сакеларопулу истакнува дека и покрај различните политички ставови за прашањата поврзани со управувањето со пандемијата „обединетоста и единството се најголемата сила на Грците“.

Во изјавата за важноста на вакцинацијата, грчката претседателка вели дека „денес го правиме првиот и одлучувачки чекор за да им се вратиме на нашите животи и да се ослободиме од повеќемесечното заложништво на вирусот“.

На масовната вакцинација се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од денешната владина седмица, велејќи дека е „голем национален влог за следните месеци“.

-Во овој временски период, јасно е дека ќе продолжат да важат мерките за спречување на ширење на вирусот. Но, ова се два паралелни напори, кои во целост се меѓусебно зависни. Колку подоследно се почитуваат рестриктивните мерки, толку полесно ќе биде да се укинати ограничувањата и колку повеќе граѓани ќе се вакцинираат, толку поблизу ќе дојде крајот на овие големи перипетии за сите Гркинки и за сите Грци, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер уште еднаш повтори дека првите дози во Грција се очекува да стигнат на 26 декември, а веќе следниот ден да започне вакцинацијата.

Scroll to Top