СЗО: Ако богатите земји продолжат да трупаат вакцини наместо да споделуваат, ќе се случат три големи проблеми

пред 3 години

Богатите земји кои се расправаат околу вакцината за Ковид-19 мора да ја разгледаат состојбата во посиромашните делови на светот, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи дека со собирањето на дози на вакцини во затворен круг се одржува пандемијата во живот.

Изјавата на СЗО следи откако Европската Комисија соопшти дека ќе го ограничи извозот на вакцини од Европската Унија, вклучувајќи ја и Велика Британија, со изговор дека тоа морала да го стори за да си обезбеди сопствени залихи.

ЕУ, чии земји-членки се далеку зад Израел, Велика Британија и Соединетите држави во однос на вакцинацијата, се обидува да се снабди со залихи, додека најголемиот западен производител на вакцини ја забавува испораката на вакцините до Унијата поради проблеми со производството.

„Ако натрупаме вакцини наместо да ги споделуваме, ќе се случат три големи проблеми. Првиот, како што реков, ќе биде катастрофален морален неуспех, вториот, пандемијата сепак ќе биде жива и трето, глобалното економско закрепнување ќе биде многу бавно“, рече на виртуелен брифинг генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.

„Изборот зависи од нас и се надевам дека ќе го направиме вистинскиот избор“, рече тој.

Мајк Рајан, главен експерт за итни случаи на СЗО, рече дека луѓето треба да мислат на колегите кои се во првите редови во борбата против заразата, како нив.

Тој ги осуди земјите кои „се борат за колачот“, додека здравствените работници во сиромашните земји „немаат ниту пристап до трошки“.

Организацијата минатата недела соопшти дека постигнала договор со Pfizer и BioNTech за 40 милиони дози вакцини и дека треба да започне со дистрибуција на вакцини на сиромашните земји, како и на оние со пониски примања, како дел од програмата Ковакс следниот месец.

СЗО се надева дека ќе добие итно одобрување за употреба на вакцината на AstraZeneca во рок од две недели, изјави Соумја Сваминанатан, главен научник на СЗО.

Маријангела Симао, помошник генерален директор задолжен за пристап до лекови и здравствени производи, рече дека СЗО минатиот петок одржал состанок со руските производители на вакцини, а треба да се одржат повеќе состаноци додека чекаат дополнителни информации.

Scroll to Top