Словенија од утре воведува полициски час, на сила стапуваат поригорозни мерки

пред 4 години

Од утре во Словенија ќе стапи на сила полициски час во траење од 21 до 6 часот наутро, најави министерот за внатрешни работи Алеш Хојс.

Забраната за собирање повеќе од шест лица, исто така ќе стапи на сила, наместо претходните 10, пренесува новинската агенција „СТА“.

Хојс додаде дека забраната за движење меѓу регионите е сè уште валидна, со одредени исклучоци.

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 537 позитивни случаи на Ковид-19, односно 20,4 отсто од испитаните, па затоа владата донесе одлука за нови поригорозни мерки.

Во Словенија има 289 лица во болница, од кои 55 се на одделот за интензивна нега.

Словенечката Влада доцна синоќа и официјално прогласи епидемија на коронавирус на целата територија на земјата, што ќе трае 30 дена, почнувајќи од денеска, ова значи дека националниот план за заштита и спасување е активиран.

Словенечката влада денес треба да разгледа нови мерки, а портпаролот Јелко Кацин вели дека бројот на пациенти е зголемен во одредени делови на земјата.

Тој рече дека претседателот на Словенија, Борут Пахор, вечерва се очекува да им се обрати на граѓаните.

Претходно, здравствените експерти предупредија дека поради ширењето на вирусот, словенечкиот здравствен систем е пред колапс.

Scroll to Top