Сојузната Управа за општи работи го одложува признавањето на победникот, тимот на Бајден подготвува тужби

пред 3 години

Тимот за транзиција на власта на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден ја разгледува можноста да почне правна постапка во врска со доцнењето на федералната Управа за општи работи да ја признае победата на кандидатот на демократите на изборите од минатата недела во дуелот со актуелниот претседател, Доналд Трамп, изјави официјален претставник на тимот на Бајден

Управата за општи работи (ГСА) вообичаено го признава претседателскиот кандидат кога ќе стане јасно кој победил на изборите, за да може да почне трансферот на власта.

Ова се уште не е случено и покрај тоа што американските медиуми во саботата го прогласија Бајден за победник, откако обезбеди доволен број електорски гласови, а со тоа и претседателскиот мандат.

-Правните постапки секако се една од можностите, но има и други опции што ги разгледуваме, изјави официјален претставник на тимот на Бајден кој сакаше да остане анонимен, без да прецизира за кои други опции станува збор.

Законот не кажува јасно кога ГСА мора да се изјасни, но транзицискиот тим на Бајден тврди дека нивната победа е јасна и дека доцнењето не може да биде оправдано, и покрај тоа што Трамп одби да го признае поразот.

Директорката на ГСА, Емили Марфи, која во 2017 година беше назначена на оваа функција токму од Трамп, се уште не утврди „јасен победник“, изјави нејзиниот портпарол.

Извор близок до Марфи тврди дека таа е темелен професионалец, кој ќе си даде доволно време да донесе внимателно разгледана одлука.

Трамп не престанува да повторува дека имало масовна измама на изборите, иако досега не презентираше докази за тоа и покрена серија тужби во обид да го оспори изборниот резултат.

Претставници на изборната комисија низ целата земја велат дека нема докази за значителни нерегуларности и измами, а правните експерти проценуваат дека потезите на Трамп имаат мали шанси за успех.

Висок владин службеник потсети дека по изборите во 2000 година ГСА дури пет недели не дозволи почеток на формалниот трансфер на власта, кога републиканецот Џорџ В. Буш и демократот Ал Гор се тркаа на изборите на кои одлучија само неколку стотици гласови на Флорида.

Scroll to Top