Турција откри златна жила вредна шест милијарди долари

пред 3 години

Турција откри големо наоѓалиште на злато со околу 3,5 милиони унци (речиси 100 тони) од благородниот метал, чија вредност е проценета на околу шест милијарди долари, објави денеска државната новинска агенција Анадолија.

Откритието во близина на западниот град Согут го објави Фахретин Појраз, кој е на чело на Земјоделските кредитни задруги на Турција и фирмата за производство на ѓубрива „Губретас“.

– Станува збор за вредност близу шест милијарди долари, изјави Појраз за Анадолија.

Тој истакна дека „во рок од две години ќе биде извлечено првото злато и ќе придонесе за зајакнување на турската економија. Акциите на Губретас се зголемија за речиси 10 проценти на берзата во Истанбул“.

Министерот за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез во септември рече дека Турција минатата година собори рекорд, произведувајќи 38 тони злато.

– Наша цел за следните пет години е да достигнеме годишно производство на 100 тони злато, нагласи Донмез.

Scroll to Top