Ужасен злостор во Словенија – момче си го уби целото семејство, па се самоуби

пред 4 години

Словенија е во шок по страшното злосторство што го извршил 22-годишен жител на Љубљана, кој си ги убил сестрата, мајката и таткото, пред да си го одземе и сопствениот живот.

Синоќа околу 1:30 часот, полицијата во словенечкиот главен град добила дојава дека се случило убиство во местото Јанче кај Љубљана, каде што биле пронајдено четворицата мртви.

Според првичните информации, најмладиот член на семејството си ја убил 26-годишната сестра, и родителите кои имале 60 и 56 години. Нејасен е мотивот за убиствата, а убиецот, кој досега не бил осудуван за никакви дела, според полицијата, немал познати конфликти или расправии со семејството.

Според полицискиот извештај, сестрата успеала да ги контактира итните служби и им кажала дека нејзиниот брат го малтретира семејството и дека им се заканува. По неколку минути, во полиција се јавил и младиот човек, кој признал дека си го убил целото семејство.

Сите жртви починале на самото место, објави полицијата, која го нашла и телото на синот-напаѓач. Инспекторите претпоставуваат дека убиствата се извршени со нож, а потоа во луѓето е пукано од пиштол, затоа што на телата се најдени и повреди од нож и прострелни рани од огнено оружје. Оружјето легално го поседувал таткото на 22-годишниот убиец.

Scroll to Top