УНИЦЕФ бара од Г7 да донираат вакцини за сиромашните земји

пред 3 години

Извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор побара од членките на Групата 7 најразвиени земји во светот (Г7) да ги донираат своите резерви на вакцини на механизмот Ковакс, кој е задолжен за дистрибуција на вакцините на сиромашните земји.

Тоа е предложено како итна мерка за решавање на сериозниот недостиг на вакцини предизвикан од нарушувања во индискиот извоз на вакцини.

Индија го ограничи извозот на вакцината на „Астразенека“ произведена од тамошниот Серум институт, а кои му беа ветени на Ковакс, со цел да ги искористи за свои цели, бидејќи се соочува со силен „удар“ од вториот бран на коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.

УНИЦЕФ, како агенција на Обединетите нации задолжена за координација на набавка на вакцини против коронавирус преку Ковакс, проценува дека дефицитот во снабдувањето со вакцини ќе достигне 140 милиони дози до крајот на мај и околу 190 милиони до крајот на јуни.

„Прераспределбата на веднаш достапните вишоци на дози е минимална, суштинска и итна мерка за запирање на недостигот, и таа е неопходна токму сега“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

Scroll to Top