УНИЦЕФ: Британија има вишок вакцини, да донира 20 отсто во други земји од идниот месец

пред 3 години

Велика Британија би требало да се обврзе дека ќе даде 20 проценти од своите вакцини на други земји во итна потреба уште во јуни, соопшти УНИЦЕФ, додавајќи дека Велика Британија сепак ќе има доволно вакцини за да го имунизира секој возрасен граѓанин до крајот на јули.

УНИЦЕФ проценува дека Велика Британија ќе има доволно дози на вакцини оваа година за целосно да се имунизираат 50 милиони луѓе ширум светот и ја повикува британската влада да даде пример за земјите од групата Г7, со тоа што ќе почне да ги донира следниот месец, објави британски Гардијан.

Вакцинацијата на населението во другите земји е единствениот начин да се осигура дека нема да се шират нови варијанти на коронавирусот, наведе УНИЦЕФ.

Фондот за деца на Обединетите нации го објави повикот пред самитот на Г7 следниот месец во Велика Британија.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно ја повика Групата седум (Г7) да финансира глобално закрепнување од Ковид-19, предупредувајќи дека кризата во светот не може да се реши ако најразвиените земји не ги засилат своите активности.

СЗО соопшти дека Г7, која се состои од Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, има можност да ги финансира вакцините, тестовите и протоколите за третман потребни за да се победи пандемијата, пренесува Гардијан.

Scroll to Top