Њу Џерси воведува пол X на возачките дозволи

пред 3 години

Њу Џерси дозволи идентификатор на полот „X“ во возачките дозволи, со што се приклучи на групата од 19 сојузни американски држави кои, заедно со Вашингтон ДЦ, од претходно имаат воведено ваква одлука.

Дополнителната опција за пол е официјално ставена на располагање, во согласност со дел од законот усвоен во 2018 година за да им се овозможи на жителите полесно да го менуваат својот родов идентитет, објави во понеделникот Комисијата за моторни возила во Њу Џерси (МВЦ), а пренесува Си-ен-ен.

Новиот идентификатор на полот „X“ ќе означува дека полот на една личност е непрецизиран, што е голем напредок за оние кои се идентификуваат како небинарни лица или за оние кои не се идентификуваат како мажи или жени.

Комисијата истакна дека ознаката „X“ може да се користи и од жители кои не сакаат полот да им биде наведен на дозволата или друга идентификација.

Промената првично беше планирана за крајот на 2020 година, но беше одложена поради пандемија, соопштија надлежните.

„Разновидноста и инклузијата се основни вредности на Њу Џерси и на сите нас во МВЦ“, рече главната администраторка на комисијата, Су Фултон.

Овој потег доаѓа во време кога сè повеќе држави овозможуваат повеќе родни идентификатори во државните документи.

Воведувањето на опцијата „Х“ е дел од долготрајното лобирање на трансродовата заедница да овозможи полесни промени во половите ознаки во документите.

Правилната полова идентификација во официјалните документи помага во заштитата на безбедноста на трансродовите лица и им овозможува подобар пристап до домување, вработување или други јавни бенефиции, тврди Националниот центар за трансродова еднаквост.

Scroll to Top